Сто дрвја ќе бидат посадени во парк во Аеродром во рамки на акцијата „Дрвја на пријателството“
- Со садење 550 дрвја во 11 градови низ регионот, од кои 100 во Скопје, денеска ќе се одржи шестата акција „Дрвја на пријателството“, што ја организира Европскиот фонд за Балканот во соработка со локални партнери. Станува збор за координирана регионална акција за поттикнување солидарност и подигнување на свеста за аерозагадувањето.
Скопје, 27 ноември 2025 (МИА) - Со садење 550 дрвја во 11 градови низ регионот, од кои 100 во Скопје, денеска ќе се одржи шестата акција „Дрвја на пријателството“, што ја организира Европскиот фонд за Балканот во соработка со локални партнери. Станува збор за координирана регионална акција за поттикнување солидарност и подигнување на свеста за аерозагадувањето.
Дрвјата во Скопје ќе бидат посадени во парк во општината Аеродром.
Во изминатите години, „Дрво на пријателството“ прерасна во активност што претставува пример за регионална солидарност. Стотици ангажирани граѓани се здружија за да ја покажат регионалната солидарност, садејќи ги овие дрвја заедно и истовремено низ целиот регион. Овие синхрони акции не се организираа само во главните градови, туку и во помали места како Бор, Сремски Карловци, Ѓакова, Пеќ, Смедерево, Косијериќ, Зеница, Тузла, Камза. Досега се засадени вкупно 2.700 дрвја во 15 градови во шест земји од нашиот регион, со учество на 20 локални партнери.
„Аерозагадувањето и натаму е еден од најголемите предизвици во регионот, сериозно влијаејќи врз здравјето и квалитетот на живот на граѓаните и придонесувајќи кон алармантни стапки на белодробни заболувања. Скопје секоја година има се помалку зеленило и прераснува во бетонска џунгла, затоа не ја пропуштаме секоја шанса да додадеме бар малку зеленило во белите дробови на нашиот главен град.“, објаснува Горјан Јовановски, креаторот на апликацијата МојВоздух и локален партнер во акцијата.
Тој посочува дека нивната цел останува иста – да продолжат да покажуваат дека со индивидуална одговорност и информирање на јавноста за сериозноста на аерозагадувањето и климатските промени, можно е да се направи разлика и на локално и на регионално ниво. рп/са/
Фото: плакат